Се проширува дистрибутивната гасоводна мрежа во општина Струмица. Јавното претпријатие за енергетски дејности „Струмица гас“ деновиве интензивно работи на подготовките за гасифицирање на индустриската зона „Север“. Во моментов се копаат ровови и се ставаат гасоводни цевки. Со овие градежни зафати стартува третата планирана фаза од гасификацијата на општина Струмица.
Во 2012/2013 година се гасифицираа институциите под надлежност на општината, во 2013/2014 година на гасоводната мрежа беа приклучени првите домаќинства, кои влегоа во историјата како први корисници на гас во Република Македонија и сега стартува гасификацијата на индустриските објекти.Досегашното искуство од користењето на природниот гас во општинските институции и домаќинствата ги потврди очекуваните придобивки од гасификацијата.Струмица е прва системски гасифицирана општина во Република Македонија која благодетите од природниот гас почна да ги чувствува уште во ноември 2012 година.