Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, општинската администрација и вработените во општинските јавни претпријатија, денеска, засадија квалитетни повеќегодишни садници од бор и туја на локацијата на старата струмичка депонија за цврст отпад која што се наоѓа до гасната станица на ЈПЕД „Струмица гас“. Со засадувањето на вакви садници, општина Струмица уште еднаш го даде својот влог и го потврди сериозниот однос кон животната средина. Градоначалникот Заев, истакна дека општина Струмица го следи денот на дрвото, но со сопствена агенда, затоа што не верува во малите садници на власта.
-Веќе неколку години по ред општина Струмица и општинската администрација го следат денот на дрвото, но со наша и посебна агенда, заради тоа што не веруваме во малите садници со кои што власта се обидува да ја излаже, на еден начин, цела Македонија. Секоја година тоа што го садиме се повеќегодишни садници, оваа година сме на локацијата на старата струмичка депонија за цврст отпад со површина од 5.500 метри квадратни и со денешното засадување на борчиња и туи, започнуваме со пошумување на оваа локација и нејзино хортикултурно уредување. Како што гледате, старата локација е веќе посипана со плодна земја, останува засадувањето со дрвца согласно законот за затворање на поранешни депонии. Оваа локација е во близина на гасната станица, а истовремено околу 2.000 дрвца ќе се засадат во околината на оваа станица на „Струмица гас“, од кои дел се од комуналното претпријатие, дел од општината и дел се донација од „Струмица табак“. А на оваа локација, денеска, се засадуваат 350 дрвца и тоа бор и туја, рече градоначалникот Заев.