Синоќа во домот на АРМ во Струмица се одржа четвртата сесија во рамките на програмата „Форуми во заедницата“. И оваа сесија го потврди големиот интерес на граѓаните за учество во креирањето на буџетот на општина Струмица за 2015 година. Повеќе од три часа, граѓаните и градоначалникот Зоран Заев предлагаа, образложуваа и даваа приоритет на конкретните предлози за проекти од месната самоуправа, културни манифестации и творештво, социјална програма, образование, локален економски развој и поддршка на НВО секторот, заштита на животната средина и спорт и рекреација.
Oтворена спортска вежбалница, спортски музеј, велосипедска патека околу Струмица, кошаркарско игралиште, парк игралиште за домашни миленичиња, младински културен центар, реконструкција на џебови, чистење на одводни канали, дигитализација на ретки книги од XIX и почеток на XX век и издавање на 10 наслови од роднокрајни автори, независен културен центар, скејт парк, реконструкција на детски игралишта, доградба и адаптација на училиници, опремување на кабинетите во здравствената струка во СОУ „Димитар Влахов“, снимање на струмички приказни, ова се само дел од предлозите на граѓаните. За секој предлог на граѓаните, свое мислење даваше градоначалникот Заев, дали предлогот е во надлежност на општината, односно дали може или не може да се реализира, а за проектите кои не се во надлежност на општината ги упатуваше граѓаните на соодветната институција и им ја ја објаснуваше постапката за решавање на проблемот.Граѓаните учесници на форумот работат во 12 работни групи од различни области. Тие и ги одредуваат приоритетите и на последната сесија ќе одлучат кои проекти ќе влезат во буџетските програми на општина Струмица за 2015 година.
Петтата форумска сесија ќе се одржи на 12.12.2014 година со почеток во 17 часот во домот на АРМ.