Со неверие и неизмерно чувство на тага ја примив веста за ненадејната и прерана смрт на човекот, актерот и пријателот Васил Шишков. Струмица и Фестивалот на камерен театар ,,Ристо Шишков,, жалат за големата загуба, но вечно ќе ги чуваат спомените за човекот кој го чуствуваат за свој.
Васил беше голем и по ,,габарит,, , и по срце и душа, и по својата актерска појава, а ќе остане голем за векутума века, во меморијата на сите оние кои го познаваа. Бројните театарски, телевизиски и филмски улоги ќе останат трајно сведоштво за постоењето на таа неизбришлива големина.
Во фиоката на моите убави спомени, Васил Шишков ќе биде вечно спастрен со неговата широка и искрена насмевка, со убавиот збор, со секое ракување и пријателска прегратка, со неговите радувања на секое издание на фестивалот кој го носи имто на неговиот татко, а особено со неговиот сјај во очите по откривањето на бистата на Ристо Шишков во Струмица. Таквите спомени ќе останат имуни на забот на времето.
Почитувани членови на семејството, почитувани членови на Македонскиот народен театар, примете го моето најдлабоко сочуство, но бидете горди што Васил Шишков беше дел од Вас, а Вие дел од него.