Општина Струмица е подготвена за дигитализација на јавните услуги

Општина Струмица е подготвена за дигитализација на јавните услуги

Општина Струмица денеска беше домаќин на четвртата јавна трибина за Дигитализација на јавните услуги во Република Северна Македонија. На оваа тема пред присутните во домот на АРМ зборуваа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, градоначалникот Коста Јаневски, Глигор Ризов од компанијата SourceMX и Мими Табанова, претседателка на Здружението за локална демократија Центар на заедницата.

Градоначалникот Коста Јаневски потенцираше дека општина Струмица е подготвена да ги заврши своите обврски во дигитализацијата на јавните услуги, односно, да направи се за да може овој систем адекватно да се презентира и во иднина да се користи од нашите сограѓани. Сметаме дека новото време наметнува една таква потреба бидејќи со тоа се штеди времето на граѓаните, се штедат тие непотребни оптеретувања на разни шалтери, се презентира општината како една точка којашто и граѓаните ја доживуваат како прва точка или прв контакт помеѓу граѓанството и институциите. Општината е таа којшто е прва на удар, тука најпрво се бараат такви услуги и околу таа работа немавме дилеми дека тоа треба да се прифати и да се развива, како што спомна и министерот 128 електронски услуги се понудени на граѓаните за да можат да ги користат со одредена апликација и мислам дека тоа се повеќе ќе зема замав. Што ова практично значи за граѓаните? Наједноставно кажано разни услуги од областа на урбанизмот, издавање на одобренија за градење, доградба и надградба од прва категорија, вадење на изводи од матичните книги на родените и починатите, разни дозволи за увоз и извоз, значи една широка палета на услуги кои што ќе можат да ги користат граѓаните преку таа апликација. Мислам дека сето ова ќе значи едно големо олеснување и растеретување на администрацијата, но секако главниот бенефит треба да го добијат граѓаните. Општина Струмица е веќе подготвена, ние обучивме двајца наши претставници од Одделението за услуги на граѓаните и месната самоуправа коишто секојдневно ќе бидат на услуга на граѓаните околу првичните потреби за апликација, регистрирање и информации од секаков тип во врска со овие олеснувања кои благодарение на министерството за информатичко општество се креираат и промовираат, рече градоначалникот Јаневски. Министерот Дамјан Манчевски информираше дека во моментот се нудат 128 електронски услуги, а се работи на развивање на електронскиот упис на деца во градинки, во училиштата и ред други услуги и документи кои им се потребни на граѓаните. Имаме над еден милион активни електронски идентитети на граѓаните, што значи овие граѓани поседуваат корисничко име и лозинка со кои може да се  најават на сајтот и да добијат одредени услуги, но досега граѓани што побарале од било кој тип на услуги се некаде над 8 илјади. Тоа значи дека треба да работиме и понатаму на зголемување на употребеноста на самиот портал и на сите овие системи. И тоа е една од главните причини зошто сме тука и одиме низ државата за да ги запознаеме граѓаните што се можат да добијат преку порталот и самите институции, рече Манчевски.