“Со еден збор срамна е одлуката на Владата” рече Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев на прес конференцијата по повод одлуката на Владата за продажба на земјиштето во с.Сачево по цена од неверојатни 700 денари за метар квадратен, на која грчката компанија Стиафилко требаше да изгради четири фабрики и да вработи над 3000 луѓе.
Парцелата од над 406.000 м2 на која грчката компанија Стиафилко треба да инвестира 150 милиони евра во четири фабрики и во кои ќе се вработат над 3.000 луѓе досега беше трипати на јавно наддавање.
Сите пазарни логики велат дека кога нешто не се продава се намалува цената. Наспроти тоа во овој случај цената од 100 денари се покачи на 600 денари за сега Владата да ја продава по цена од 700 денари за метар квадратен.
„За жал, и покрај писменото ветување на министерот за странски инвестиции Веле Самак до грчката фирма дека почетната цена за квадрат ќе биде 100 денари, тоа не се случи. Досегашните јавни повици покажаа контрапродуктивно дејствување на Владата. Кога од ’Стијафилко‘ изразија подготвеност да лицитираат, Владата објави повик од 600 денари за квадрат, а почетната цена во завчерашниот оглас беше 700 денари. Очигледна е намерата на Владата од веќе готова работа да не излезе ништо. Мотивите се повеќе од провидни. Тоа е срамота“, изјави вчера градоначалникот на Струмица, Зоран Заев.
Груевски и Самак нека ги земат сите политички поени од оваа инвестиција, но во интерес на граѓаните на општина Струмица Барам, да објават лицитација според она што министерот Самак им го вети на грчките инвеститори, нагласи градоначалникот Заев.
Градоначалникот Заев побара од Владата уште еднаш да ја преиспита донесената антиекономска одлука, затоа што станува збор за капитална инвестиција тешка 150 милиони евра.