СТРУМИЧКИ КАРНЕВАЛ 2008

 „Она што го гледам јас оваа година е фантастично, вашиот Карневал во Струмица е најдобар во Европа“, изјави претседателот на Европска карневалска федерација ФЕCC, Фердинанд Вандер Крон по завршувањето на Струмичкиот карневал 2008.

Над 40.000 луѓе низ улиците на Струмица ја проследија Главната карневалска вечер од Струмичкиот карневал 2008.
Почетокот на карневалот беше означен со спектакуларен огномет во траење од 15 минути. Во 19 часот, точно 1700 светлечки проектили го запалија небото на Струмица.

Во карневалската поворка продефилираа над 3000 маскирани групи поделени во 70 групи. Учествуваа групи од Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија и Црна гора.
Официјалното карневалското дефиле траеше 4 часа по што се префрли низ рестораните и кафулињата и заврши во среда наутро.
Помеѓу високите гости кои го проследија карневалот беше и Амбасадор на ЕУ во Република Македонија, Ерван Фуере.

Во среда напладне, стручното жири ги соопшти најдобрите маски.
Маската „Иминиите“, дело на учениците и наставниците од ОУ „Маршал Тито“ од Струмица, ја освои првата награда во категорија група со над 50 учесници.
„Африка“ е најдобра во категорија до 20 учесници, а во категоријата над 10 учесници, за најдобра маска е прогласена „Струмичките Баварци со нивните госпожи“.
Во категоријата мала група-изворна тема, најдобра е „Троглавата ламја“.
Маската „Астеци“ е најдобра во категоријата слободна тема, а „Дрвокрадци“ во поединечна изворна тема.
„Кинеската кралица“ е прогласена за најдобра поединечна маска на слободна тема, а наградата за музичка група ја доби составот „Најмлади Агушеви“.
Вкупниот награден фонд на Струмичкиот карневал изнесуваше 5500 евра.