Обраќање на Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев по повод двегодишнината од мандатот.
Почитувани сограѓани !
На денешен ден пред две години, на локалните избори 2005 година, ја добив Вашата драгоцена доверба да ја водам Општина Струмица прифаќајки го предизвикот и обврската, да дадам свој максимален придонес во развојот на нашата заедничка општина и квалитетот на живеење на сите нејзини граѓани, без разлика на нивната национална, полова, социјална, верска и политичка припадност.
И тогаш, но и сега се чувствував и се чувствувам како составен дел од Вас, а функцијата Градоначалник ме прави само прв меѓу еднаквите.
Сега кога се наоѓам на половина пат од мојот мандат мора да признаам дека она што ме водеше напред во реализација на сите досегашни активности, беше оваа книшка наречена – Изборна Програма – со која ја побарав Вашата подршка нудејќи Ви нов развоен концепт на Општина Струмица. Но оваа програма не беше документ само за една употреба. Последниот примерок од нејзиниот тираж остана овде на моето биро, да биде мој секојдневен потсетник, да биде мое “Оче наш” во практицирањето на локалната власт. Се надевам дека и Вие, граѓаните чувате дома по еден примерок од оваа програма за да може заеднички со задоволство да констатираме дека за половина од мандот се реализирани 208 од вкупно 228 те ветени конкрети активности во оваа програма или 91 % од ветеното. Колку што успеавме да изброиме од општинските буџетски програми завршени се плус 184 конкретни инвестициони активности во сите урбани и месни заедници.
Се разбира, заслугата за ваквите постигнувања не е само моја. Таа оди на адреса на моите непосредни соработници од раководниот тим на мојот кабинет, на сите одделенија и на цела општинска администрација и секако на сите членови на Советот на општина Струмица кои интересот на граѓаните го ставија пред партискиот интерес. Но, секако најголема заслуга за се она што е сторено во изминатите две години ја имате Вие – мои сограѓани, бидејки Вашата подршка беше голема и без резервна, па дури и Вие бевте тие кои успешно ги детектиравте проблемите на општината, а ние Вашите забелешки и предлози ги прифативме како обврски што требаше да се реализираат. Се разбира, имаше и такви, за среќа малкумина кои не знаеја да се зарадуваат на реализираните проекти, дури некој сакаа тие проекти да завршат неуспешно, ширејки невистини и шпекулации. Но ние работевме подеднакво за сите, па и за нив, затоа се надевам дека и тие ќе успеат да ги почуствуваат придобивките од она што е сторено.
Пред мене и пред сите нас се уште две години од мандот што ми го доверивте. Тоа не значи дека во наредниот период ќе бидат реализирани само преостанатите 9 % од програмата за целосно нејзино исполнување. Напротив, водени од програмата за европеизација на општината ќе продуцираме уште многу нови проекти кои ќе ја разубават нашата заедничка иднина и иднината на нашите поколенија. Имаме намера уште подобро да го разубавиме изгледот на градот и населените места, имаме намера кај Вас, граѓаните да ја потврдиме гордоста да се биде струмичанец.
Подршката и помошта од Вас и натаму ќе биде клучниот фактор за исполнување на таа наша заедничка цел. Јас само можам да ветам дека и во наредните две години ќе бидам максимално посветен, транспарентен и исполнителен за продолжување на прогресот на општината и дека без разлика на мојата политичка ориентација и натаму ќе бидам Градоначалник на сите Вас – граѓаните.
Почитувани граѓани на Општина Струмица.
Ви благодарам на досегашната подршка!
Ви благодарам за подршката која што и во иднина ќе ни ја давате, за на крајот среќата од постигнатиот успех, заеднички да ја споделиме.
Благодарам!.