Синоќа пред преполнaта сала на Домот на културата во Струмица, Градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев го прогласи за отворен 15 Меѓународен фестивал на камерен театар “Ристо Шишков”. Со изложба на фотографии и прва проекција на секвенци од последниот филм „Време води“, започна 15-то издание на фестивалот на камерен театар посветен на бардот на македонското глимиште „Ристо Шишков“.
Годинашниов селектор на фестивалот е Благоја Стефановски. Во селекцијата за Фестивалот влегоа и претстави од странство, со што на Фестивалот му се даде меѓународен предзнак. За единствената награда што го носи името на големиот македонски актер Ристо Шишков на сцената ќе одиграат улоги 40-ина актери од осум театри од странство и од Струмичкиот, Битолскиот театар, од Драмски театар од Скопје и од Македонскиот народен театар.
Фестивалот го отворија актерите од Народно позориште од Подгорица (Црна Гора) со претставата “Нора”, Битолскиот театар ќе се претстави со “Обsрни се во гневот”, Струмичкиот театар со двете претстави “Гола Вера” и “Враќање”, Драмски со “Кино, љубов”, а МНТ со “Делириум за двајца”. На овогодинешното издание на фестивалот ќе има и две монодрами “Мистер Буфо” од Грција и “Амок” од Албанија. Од Бугарија доааѓат три претстави – “Те сакам, Отело” од Плевенскиот театар, “Тартиф” од Благоевград и студентската “Шекспир танго”. Од Русија доаѓа претставата “Жив товар”, како и “Ко Ко” во француско-хрватска копродукција.
На Фестивалот ќе биде отворена изложба на фотографии посветени на бардот на македонското глумиште Шишков, а ќе бидат одржани уметнички вечери посветени на актерките Јоана Попоска од Битола и Рада Ѓуричин од Белград.
Во чест на наградениот ќе биде одржан концерт на театарска и филмска музика од ансамблот “Фолтин” од Битола.