Денес, во склоп на одбележувањето на независноста на Р. Македонија Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев и Претседателот на Советот на Општина Струмица, Зоран Ристов положија свежо цвеќе пред Споменикот на Гоце Делчев
За историографијата на празникот зборуваше Претседателот на Советот на општина Струмица, Зоран Ристов кој истакна:
“Верификацијата на сремежот за осамостојување, Македонскиот народ направи токму на денешен ден во 1991 година, кога го рече референдумското “ДА” за својата самобитна иднина. Со тоа сонот на Гоце Делчев, Јане Сандански, Ѓорче Петров и останатите македонски синови, стана јаве за нашите современици, кои на најубав можен начин го прославија осамостојувањето на својата татковина. Одтогаш Македонија, почна да живее еден нов живот носејќи ги со себе сите неопходни нишани на една суверена и самостојна држава која го бара местото под сонцето во големото светско и европско живеалиште.
За жал, и 16 години подоцна од тој историски 8-ми Септември, Република Македонија сеуште го живее предолгиот период наречен транзиција. Одот по трње во трансформацијата на општествено-политичкиот и економскиот процес на државава, на внатрешен и надворешен план, е последица на низа објективни и субјективни причини. Но мора да си признаеме, сакале тоа да го сториме или не, дека нагласената политичка поларизација која е дел од нашето секојдневие, и е навлезена во сите пори и области на нашето севкупно живеење има длабоки импликации во нормалниот развој на општеството, и претставува сериозна закана за нашата кревка демократија. Од сите нас зависи, дали ќе се откажеме од наследството на синдромот на самоуништување или ќе го прифатиме како наша судбинска реалност. Јас сум убеден дека ќе бидеме сите доволно мудри и ќе се издигнеме над нашите суети, оти само на тој начин ќе го оправдаме 8-ми Септември, оти само на тој начин ќе си докажеме самите себе си но и на опкружувањето, европската и светската јавност дека ја заслужуваме самобитноста на нашата татковина”.