Општина Струмица во соработка со Центарот на заедницата, организира Граѓански буџетски форум кој ќе се одржи утре со почеток во 18 часот во Домот на АРМ во Струмица. На денешната прес конференција, Кирил Парталов, секретар на Општината, потенцираше дека целта на форумот е зголемување на учеството на граѓаните во процесот на носење на буџетот на општина Струмица, а во исто време и зголемување на транспарентноста на Општината.
Граѓаните кои ќе присуствуваат на форумската сесија, ќе имаат можност да ги проследат планираните програми и проекти за 2017 година, да дискутираат по нив, но и да предлагаат свои проекти во рамките на програмите.Станува збор за осум програми, и тоа: Улици и патишта, Локален економски развој, Уредување на рурални подрачја, Образование, Социјална заштита, Уредување на градежно земјиште, Култура и Спорт. Покрај тоа, ќе биде извршена презентација на досегашното извршување на буџетот за 2016 година, како и презентација на Развојните програми како дел од предлог буџетот за 2017 година. Инаку, граѓанските форуми во општина Струмица ги имплементира Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип, со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија, а во рамките на Концептот „Општина по мерка на граѓаните“, кој Фондацијата го спроведува во партнерство со општина Струмица. Значајно е да се спомене дека општина Струмица е прва Општина во државата која го практикува партиципативното носење на буџетот, во кое главен збор имаат граѓаните и нивните предлози за реализација на проекти кои се од витално значење за развојот на општината и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Граѓанските буџетски форуми во општина Струмица се одржуваат веќе петта година, а пред тоа, Општината секоја година одржуваше јавни собири во сите месни и урбани заедници. Тоа значи дека општина Струмица, повеќе од една деценија го слуша гласот на граѓаните при носењето на својот буџет. За крај, сакам да ги поканам сите заинтересирани граѓани, да присуствуваат на утрешниот Граѓански буџетски форум и активно да се вклучат со свои дискусии и предлози, во креирањето на буџетот за 2017 година. Форумот ќе се одржи утре во 18 часот во Домот на АРМ, рече Парталов.