Општина Струмица повторно е местото во кое се собраа спортисти од повеќе држави како домаќин на 20-от меѓународен турнир во спортска ориентација „Струмица Опен 2015“. На турнирот учествуваат околу 150 натпреварувачи од Албанија, Бугарија, Грција, Романија, Србија и Македонија. Тие ќе се натпреваруваат во четири трки во спортска ориентација, од кои две во Струмица и две на Суви Лаки, на планината Огражден.
Овој меѓународен турнир го отвори претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.Струмица дефинитивно е респектабилна македонска, балканска и европска дестинација кога станува збор за спортската ориентација. Од друга страна, во овој наш град кој важи за еден од најспортските градови во државава, спортската ориентација избори свое заслужено место во семејството спортови, кои се најголеми струмички спортски репрезенти. Секако, за успешната афирмација и популаризација на овој спорт, најзаслужен е Орентациониот клуб „Еделвајс“ кој годинава слави значаен јубилеј – 20 години од своето успешно постоење. Во овој дведецениски период ,,Еделвајс“ се истакнува со бројни успеси на разни државни и меѓународни натпревари, но и како домаќин и организатор на значајни меѓународни натпреварувања. Во тој поглед, значајно е да се спомене дека минатата година Струмица беше домаќин на Европското првенство во спортска ориентација во машка и женска конкуренција, а како резултат на извонредната организација на ова големо натпреварување и бројните пофалби од сите страни на Европа, ,,Еделвајс“ и Струмица ќе бидат домаќини на Европското првенство и наредната година. Таква укажана чест треба да се заслужи и безмерно да се почитува, рече Христов.