Општина Струмица им оддаде достојна почит на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј. Синоќа во домот на АРМ, се одржа свечена академија на која присуствуваа градоначалникот Зоран Заев, членови на Советот на општината, претставници на јавните институции, наставници, ученици и родители. За значењето на празникот, зборуваше градоначалникот Заев, кој на наставниците и учениците им порача, непроценливото богатство за вечни времиња оставено од просветителите, да го чуваат и негуваат.
-Утрешниот празник не е обичен празник, ами ден кон кој треба да се однесуваме со должна почит и благодарност, ден кој со своето значење навлегува во најчувствителните корени на нашето постоење и го апострофира еден од најсензитивните белези на нашиот идентитет. Ред е да се запрашаме, кои ќе бевме денес и во која фаза на развој ќе ја теравме нашата живеачка, да не беа Сесловенските просветители кои со плодно семе го посееја патот на писменоста низ кој поминале и сеуште минуваат генерации и генерации луѓе од Словенскиот род. На тој начин тие ги просветлија душите на народите и ги избавија од темницата на дотогашните сознанија. Драги ученици и наставници, ако се согласивме дека Светите браќа направиле револуционерен потфат со својата азбука, оставајќи непроценливо богатство за вечни времиња, тогаш вам ви останува полесниот дел од задачата, да го чувате и негувате она што го оставиле. Нека ви е честит и вековит, утрешниот празник, рече меѓудругото во својот говор, градоначалникот Заев.
Во рамките на академијата, беше изведена и богата културно-уметничка програма во која настапија учениците од музичкото училиште „Боро Џони“, основните и средните училишта во општината, како и од градинката „Детска радост“.