Членовите на Советот на општина Струмица ја одложија денешната петнаесетта седница. На седницата предложените педесет точки, беа заменети со нови четири и тоа: предлог – решение за констатирање престанок на мандат на член Советот на општина Струмица, предлог – решение за констатирање престанок на мандат на претседател на Советот, предлог – решение за верифицирање на мандат на член на Советот и предлог – решение за избор на претседател на Советот на општина Струмица. Откако дневниот ред беше прифатен од советниците, истите изгласаа одложување на седницата, бидејќи, според образложението на претседателот на Советот, Марјан Даскаловски, треба да се извршат претходни законски дејства согласно Изборниот законик, Законот за локална самоуправа и Статутот на општина Струмица, односно треба да се достави известување до општинската изборна комисија за прекин на мандатот на член на Советот и свикување на верификационата комисија.
-На денешната петнаесетта седница ги повлековме предложените 50 и ставивме нови четири точки кои ќе се најдат на дневен ред и на наредната седница. Таа седница ќе ја почнам јас како претседател и ќе ги водам првите две точки, а потоа ќе им се заблагодарам на сите за досегашниот мој ангажман во Советот на општина Струмица, бидејќи пет години бев претседател и ќе ги кажам причините зошто мене ми престанува мандатот во Советот на општина Струмица, рече во изјавата за медиумите, претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски.