Чиста и уредна Струмица, како што му доликува на еден модерен, европски град, е меѓу приоритетите на општината и градоначалникот, Зоран Заев. Токму поради ова, до крајот на овој месец, општина Струмица ќе ја спроведе акцијата „Чиста и уредна средина“. Целта на акцијата е да се исчистат јавните површини во градот, дворните места на домаќинствата и површините пред станбените згради.
Акцијата ќе стартува в недела, на 15 јуни, а ќе се спроведе и во неделите на 22 и 29 јуни. Во акцијата се вклучени општинскиот сервис „Систем 48“, Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“, одделението за заштита на животната средина при општина Струмица и секако, најважните учесници ќе бидат граѓаните. За да може акцијата успешно да се спроведе, градот ќе биде поделен на три реони. За деталите на акцијата, на денешната прес конференција зборуваше м-р Силвана Црвен Мицева од одделението за заштита на животната средина при општина Струмица.
-Во првиот реон акцијата ќе се спроведе в недела и ќе ги опфати граѓаните каде што отпадот се подига во среда и сабота, а почнува од улицата „Ѓуро Салај“ кај спортската сала, населбите Карпош и Чифлик и завршува со улицата „Кирил и Методиј“. Расчистувањето на јавните површини ќе се одвива на следните локации: тротоарите на улиците „Ѓуро Салај“ и „11 октомври“, игралиштето на улицата „22 декември“ и поројот „Васил Главинов“. Собирното место за првиот реон ќе биде пред градинката на улицата „Ѓуро Салај“ од 8,00 до 16,00 часот. Почитувани граѓани, апелираме до вас, масовно и активно да се вклучите во акцијата, на тој начин што отпадот од вашите дворни места и подрумски простории треба само да го соберете и оставите пред вашите домови. Потоа да се јавите во „Систем 48“ на бесплатниот телефонскиот број 0800 1 48 48 за да може вработените во „Комуналец“ да го соберат отпадот. Во акцијата ќе се собира домаќински и кабаст отпад, а не и градежен шут. Во чистењето на јавните површини во градот ќе бидат вклучени вработените во работната единица „Чистота“ при ЈПКД Комуналец, Младинскиот совет и месните заедници. Ајде заедно и масовно да се вклучиме во акцијата „Чиста и уредна средина“ и да потврдиме дека навистина сакаме да живееме во чиста и убава Струмица, рече Црвен Мицева.