Сите активности, согласно програмите и буџетот на општина Струмица за 2014 година, се реализираат со одлична динамика, изјави градоначалникот, Зоран Заев, на средбата со новинарите. Тој детално информираше за тековните и покрупните проекти кои ќе се реализираат во овој период.
-Во моментот се гради потисниот и доводниот цевковод за новиот резервоар за вода во населеното место Раборци, кој што во употреба го пуштивме пред почетокот на зимата, минатата година. Тоа е значаен капитален зафат со вредност од преку еден милион денари со кој трајно ќе се реши водоснабдувањето во едно од најмалите населени места во општина Струмица. Истовремено, се гради и улична инфраструктура на градските гробишта во Струмица, каде што во тек е рамнење на главните патеки и поставување на рабници, а кога ќе завршат овие активности ќе се изврши и бетонирање на патеките. Овој градежен зафат ќе обезбеди подобар пристап до градските гробишта. Во наредниот период ќе се асфалтираат сите планирани улици со втор слој. Тоа се улиците „Братство Единство“, „Браќа Миладинови“, Димитар Цветинов“ и многу други. Во моментот се поставуваат сите бетонски работи, тротоари и потпорни ѕидови, во последниот месец се изведени 14 вакви зафати, а претстојат уште дваесетина. Исто така, во моментов се редат тротоари на четири локации, а во почетокот на август целосно ќе биде изведена хоризонталната и вертикалната сигнализација во Струмица. Крпењето на дупките е во завршна фаза, ја користам оваа прилика да им се извинам на граѓаните заради тоа што два пати тендерот пропаѓаше, односно не се јавуваше изведувач за овие работи, но сепак градот веќе е завршен и во половина од населените места е завршено со крпењето на дупките и до крајот на месецов комплетно ќе завршиме и со таа активност. Од поголемите проекти ги најавуваме следните: на локалитетот Цареви кули се градат влезните тврдини со поглед кон градот Струмица, истовремено почнува и одводнувањето на Егејското маало и уредувањето на патната инфраструктура, во градба ќе го пуштиме и помошниот фудбалски терен, а овој викенд ќе почне и асфалтирањето на улицата „Бетовенова“. Тоа е голем инвестиционен зафат и се надевам дека до крајот на овој месец, а заради тоа што привршуваат финалните и визуелни уредувања, Ободниот канал на градот Струмица ќе можеме свечено да го пуштиме во употреба. Се надевам дека граѓаните ќе имаат разбирање, бидејќи додека се реализираат овие инфраструктурни проекти, често ќе имаме блокирани улици, пешачки патеки и тротоари, но се работи за потреби на граѓаните, нотирани во програмите и буџетот за 2014 година, рече градоначалникот Заев.