Помошното игралиште на стадионот „Младост“ во Струмица ќе прерасне во модерен фудбалски терен со вештачка трева. Овој проект го реализираат општина Струмица, Фудбалската федерација на Македонија и УЕФА, во рамките на програмата хет – трик,а се реализира во уште девет општини во државата.
За деталите на овој проект, денеска информираше градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев.-Постапката за овој фудбалски терен почна во октомври минатата година, во која покрај расчистувањето на имотно – правните односи, ја добивме и локацијата од страна на владата за трајно користење, ја завршивме целата урбанистичка и техничка документација, издадовме одобрение за градба и еве подготвителните работи се веќе започнати. Се работи за фудбалски терен од модерен стил каде што ќе биде распослана вештачка трева и во партнерство со УЕФА општината ќе реализира проект вреден 430 илјади евра, од кои 330 илјади евра се проектирани во буџетот на општина Струмица, а 100 илјади евра е донацијата за вештачката трева од УЕФА. Овој дел од тендерот на подготвителните работи, дренажниот систем и сето тоа што значи изградба на самиот фудбалски терен е завршен и останува да распишеме тендер за изведба на трибините, рефлекторите и соблекувалните. Ова ново игралиште ќе придонесе многу за здравиот живот на младите генерации, интересот за фудбалот и воопшто за спортот е огромен во Струмица. Би сакал да додадам дека тоа е само еден спортски терен од сите овие терени што се прават токму тука на оваа локација. Сведоци сте дека отпочна изградбата на спортскиот центар на Горан Пандев, а пред одобрение на градба сме на два значајни проекти на фирмата „Грозд“, едниот е за тениски игралишта, а другиот е градскиот базен и сите останати содржини. Некаде на есен ќе продолжиме со реализацијата на теренот за мини голф, со што целиот овој комплекс треба да прерасне во еден нов спортски центар за сегашните и идните генерации струмичани, рече градоначалникот Заев на денешната прес конференција.