Со едноминутно молчење во чест на четворицата загинати пилоти во хеликоптерската несреќа, која се случи во четвртокот, започнаа денешните свечености со кои општина Струмица ја одбележа 70-годишнината од убиството на народниот херој, Благој Јанков Мучето. Претставници на локалната власт, на општинскиот одбор на Сојузот на борците на Македонија, на политичките партии и јавните институции, положија цвеќе пред Спомен – плочата во градскиот парк и пред Спомен – бистата на херојот во малиот градски парк, а за животот и делото, зборуваше претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.
Благој Јанков Мучето потекнува од сиромашно и револуционерно семејство. Повеќемина од неговото пошироко семејство учествувале во активностите на Илинденската епопеја. Роден е во Струмица во 1910 година и уште од рани години бил воспитуван во илинденски и востанички дух. Неговата револуционерна дејност била причина, тој постојано да биде во илегала, бидејќи го демнела опасноста да биде уапсен или ликвидиран од страна на окупаторите или домашните шпиони. Нивните напори да го сотрат еднаш засекогаш големиот струмички и македонски револуционер, вродиле со плод на денешен ден пред точно 70 години. Да не се случеше тој 14 Јули, Благој Јанков Мучето многу наскоро ќе доживееше два среќни момента. Само 19 денови го делеа од Првото заседание на АСНОМ во манастирот Прохор Пчињски, на кое требаше да биде делегат и неполни два месеца го делеа од првото слободарско струмичко утро. За жал ни едното ни другото не го доживеа, но неговото име остана да биде синоним на револуционерниот дух и гордоста на Струмица. Тоа име ќе го чуваме и чествуваме, се дури сме живи ние и нашите поколенија. Тоа име ќе го спастриме од заборавот за век и векови, рече меѓу другото во својот говор, претседателот на Советот, Јосиф Христов.
Во чест на народниот херој, членовите на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“ рецитираа револуционерна поезија.