Во кабинетот на градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска се одржа координативен состанок со претставниците на општинските и државни институции кои на директен или индиректен начин се вклучени во организацијата на манифестацијата „Струмица опен фестивал 2014“. На состанокот се разгледуваа тековните и се договараа идните активности, се разменуваа и усогласуваа предлози и мислења кои ќе овозможат беспрекорна организација на третото по ред издание на фестивалот.
Петар Божинов, координатор на фестивалот, по завршувањето на состанокот изјави дека сите институции се подготвени за овој најголем летен културен – забавен настан во Струмица и апелираше до граѓаните за максимално почитување на правилата и прописите утврдени од страна на институциите, а со единствена цел, беспрекорна организација во сите единаесет фестивалски денови.-Овој состанок се случува на два дена пред одржувањето на фестивалот. Официјално, фестивалот почнува на 7 и ќе трае до 17 август, што значи имаме единаесетдневен фестивал, најразновидни активности и за сите нив се дискутираше на состанокот, но најмногу труд и енергија за вложува за последните три вечери, бидејќи сите тие институции мора да бидат рамо до рамо со нас, како организатори на фестивалот, за да можеме да ги надминеме сите недостатоци и до нас да пристигнуваат само позитивни критики од граѓаните. Нудиме богата програма за сите вкусови, имаме ликовни колонии, вечери на поезијата, театарски претстави, филмови, афоризми, трка на келнери, угостителски бон – тон, имаме џез фестивал, електронска музика и хип хоп, што значи ги опфативме сите жанрови за сите вкусови на посетителите. Кулминацијата секако се очекува последните три вечери со настапите на големите музички ѕвезди од Македонија и Балканот и светски ди џеи. Првата вечер ја започнуваме со струмичките таленти, па продолжуваме со Тајзи, Бајага и инструктори и завршуваме со Кирил Џајковски, втората музичка вечер ја започнуваме со Драган Мијалковски, Сарс, Амадеус и завршуваме со настап на познат ди џеј и на завршната музичка вечер настапуваат Дивизија, Дивајн, нашата Александра Јанева и секако тоа што сите го очекуваат, а тоа е настапот на познатиот, Здравко Чолиќ. Сметам дека го погодивме изборот и граѓаните навистина ќе се забавуваат во овие единаесет дена, рече Божинов.Целокупната понуда на фестивалот ќе се одржи на десет отворени сцени во градот, а за прв пат годинава, фестивалски содржини ќе има и во населените места Муртино и Просениково. Таму, на 10 август ќе настапат групите Пицикато, Дикато и Нексус.Струмица и ова лето ќе биде вистинската дестинација за незаборавни летни спомени и одлична забава со големи музички ѕвезди.