Со пригодни свечености Општина Струмица денес ги одбележа 111 – годишнината од илинденското востание и 70 – годишнината од Првото заседание на АСНОМ.Пред споменикот на Гоце Делчев на истоимениот плоштад, реч за историографијата на двата Илиндена одржа претседателот на Советот на општина Струмица Јосиф Христов.
Во својот говор, тој меѓу другото истакна: Едно е повеќе сигурно, Илинден – 1903 и Илинден – 1944 година се две светла во еден ист светилник кој му помогна на македонскиот брод да го најде вистинскиот пат до брегот на самостојноста, низ немирното море на историјата. Да не беа двата Илиндена, не ќе беше можно денес да зборуваме за своја држава, да ја живееме и доживуваме Република Македонија и да го негуваме националното чувство како Македонци. За среќа, благодарение на востаничкиот и асномскиот Илинден со гордост истакнуваме што сме, кои сме и во што веруваме.Пред споменикот на Гоце Делчев, претставници на повеќе институции, здруженија и политички партии положија свежо цвеќе, а членови на рецитаторската секција при Домот за деца и млади ,,Благој Мучето‘‘кажуваа револуционерна поезија. Во рамките на одбележувањето на двата Илиндена, делегација од Општина Струмица положи свежо цвеќе пред Спомен бистата на илинденскиот војвода Ристоман Кочев – Попчевски.