Од понеделник, осми септември, Струмица по дваесет и втори пат ќе биде собиралиште на актерите од домашната и меѓународната театарска сцена за престижната награда која се доделува во чест на бардот на македонското глумиште, „Ристо Шишков“.Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ за отворен ќе го прогласи градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, а честа први да ја отворат театарската сцена им припадна на актерите од театарот Шабац, Србија, со претставата „Ќелавата пеачка“ на Ежен Јоанеско, а во режија на Никита Миливојевиќ.
Во петте фестивалски денови ќе бидат изведени десет претстави од шест држави, а за единствената награда за високи актерски достигнувања ќе се натпреваруваат околу шеесетина актери. Традиционално, наградата се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра, а за нејзиниот добитник ќе одлучува жири комисија чиј претседател е минатогодишниот лауерат Нико Горшиќ од Словенија.