Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, попладнево, во селото Водоча, се дружеше со членовите на планинарските друштва и граѓаните кои учествуваа во маршот кој се одржа по повод 1000 години од битката на Беласица. Откако им посака срдечно добредојде и им се заблагодари за учеството, тој потсети за значењето на овој голем историски настан.
Се наоѓаме во атарот на селото Водоча за кое едно од преданијата вели дека го добило своето име по извадените очи на Самуиловите војници во познатата битка на Беласица. Годинава одбележуваме значајна годишница од тој историски настан кој се случил на 29 јули 1014 година. На тој ден војската на византискиот император Василиј Втори го извршила најсвирепото злосторство во историјата на човештвото, ослепувајќи ги по добиената битка заробените 14 илјади Самуилови војници. Џелатите на секој стоти војник му оставале по едно око за да можат да ги водат кај нивниот цар. Кога ги видел своите војници, Цар Самуил добил срцев удар и умрел на 6 октомври истата година. По неговата смрт, само четири години подоцна дошло и до распад на неговото царство. Од битката на Беласица поминаа цели десет векови или точно 1000 години. Ваквите историски настани треба да се споменуваат, да се одбележуваат и да се пренесуваат од колено на колено за да се спастрат од заборавот. Илјада годишнината од беласичката битка по заслуга на луѓето од планинарско – алпинистичкиот – орентационен клуб „Ентузијаст“, а со несебична поддршка и соработка со општина Струмица се одбележува и со овој планинарски марш кој сите вие успешно го завршивте, за што искрено ви честитам. Посакувајќи ви срдечно добредојде во нашата општина, ви благодарам што бевте дел од овој марш и се надевам дека од овде со себе ќе понесете убави и незаборавни спомени. ве уверувам дека портите на Струмица ќе бидат секогаш ширум отворени за добронамерници како што сте вие. Велат дека се тече, се се менува, но јас би додал дека само дружењето и пријателствата остануваат вечни, рече градоначалникот Заев.На сите планинарски друштва, кои учествуваа во маршот, а кој стартуваше вчераутро од селото Колешино, градоначалникот Зоран Заев, им врачи благодарници.