Годинава струмичкиот карневал одбележува 20 години од приемот во најголемата карневалска асоцијација во светот, Европската федерација на карневалски градови (FECC). По тој повод, организациониот одбор на карневалот подготвува голема изложба насловена „За 20 години во FECC помеѓу 20 топ улични карневали во светот“ на која ќе биде презентиран развојот на карневалот, почнувајќи од вековната традиција преку стари фотографии, организираната форма во 70-те години, обновувањето на организационата форма во 90-те, учеството на светските конгреси кои ги одржува FECC и големите успеси што ги постигна во последните години, издигнувајќи се на високо место меѓу светските карневали.
И додека Струмица слави 20 години од приемот во Европската федерација на карневалски градови, оваа федерација го слави својот 34 роденден. Струмица е избрана за место на роденденската прослава-На конгресот во Кипар што се одржа во месец мај годинава, решивме во рамките на нашиот јубилеј да се кандидираме и за организатори на прославата на роденденот на FECC која секоја година се организира во одредени градови во светот. На наша среќа, генералното собрание ја прифати нашата кандидатура и од 26 до 29 септември, односно од петок до недела, Струмица ќе биде домаќин на претставници на FECC од 15 земји во светот кои ќе ни се придружат во прославувањето на јубилејот, а воедно ќе го прослават роденденот на FECC. Ова за нас е големо признание, уште едно од многуте што ги добивме во последните години, бидејќи одѕивот на учесници е над сите очекувања и мислам дека ќе ја имаме најмасовната роденденска прослава во историјата на FECC. Струмичани треба да бидат горди на тоа, тоа е уште еден доказ за нашето место во карневалскиот свет и се надевам дека ова ќе биде уште еден потстрек да бидеме се подобри и поквалитетни во нашиот карневал, рече Александар Цицимов претседател на организациониот одбор на карневалот.На роденденската прослава на FECC во Струмица ќе присуствуваат претставници од Шведска, Белгија, Холандија, Германија, Франција, Португалија, Малта, Кипар, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Украина и Македонија.