Почитувани наставници
Денешниов ден со одлука на Унеско, веќе 20 години се одбележува како Светски ден на учителот. Петтиот ден од октомври е Ваш ден, ден кога светот се поклонува пред Вашата професија и пред напорите кои ги правите за доброто на генерации и генерации ученици, давајќи го Вашиот несебичен влог за нивната иднина и за иднината на заедницата, општеството и човештвото воопшто. Во процесот на примо–предавање на знаењата, Вие сте клучната алка, Вие сте тие од кои зависи квалитетот на воспитувањето и образованието на младата популација. Притоа, секогаш треба да имате на ум, дека Вие постоите за учениците а не учениците за Вас.
Професијата УЧИТЕЛ е нешто со што треба да се гордеете, нешто што е племенито, возвишено и достојно за почит. За жал времето што сите ние го живееме е време на нарушен систем на вредности. Вие тоа мошне добро го чувствувате на својата кожа.Во услови кога образованито кај нас честопати е предмет на разни експерименти, Вие и Вашите ученици, ни криви ни должни станувате жртви на истите. На тој начин, станувате се помалку учители, а се повеќе административци. Обврските ви се се поголеми, а правата се помали. На тој начин достоинството на Вашата професија е доведено во прашање. Но Вие не би биле тоа што сте, доколку не истраете до крај со сите предизвици, издигнувајќи се над сите проблеми. Едно е повеќе од сигурно, Вие заслужувате многу позначаен третман од општеството од оној кој го имате.
Јас секогаш сум бил и ќе останам на Ваша страна. Нека ви е честит и вековит 5.Октомври – Светскиот ден на учителот.