Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Струмица привршува со реализацијата на проектот „Со користење на компјутер до полесно учење”. Проектот е финансиран со 100 илјади денари од буџетот на општина Струмица во рамките на програмата V2 од областа на социјалната заштита.
Според Соња Сачевска претседател на центарот, во рамките на проектот оспособени се четири компјутери за работа и набавени се звучници и едукативни игри.И благодариме на општина Струмица и за годинашната поддршка. Со оспособувањето на компјутерите им го направивме попријатен и покорисен престојот на децата во центарот. Тука, два дена во неделата, вторник и четврток, доаѓаат околу десетина деца со интелектуална попреченост на кои им се покажуваат едноставни операции на компјутер, а со нив се работи и преку едукативни игри. Исто така во рамките на овој проект, членовите на „Порака“ изработија повеќе предмети кои беа презентирани на хуманитарниот концерт кој што се одржа по повод Светскиот ден на хендикепот, а собраните средства од продажбата беа наменети за хумани цели, рече Сачевска.Проектот „Со користење на компјутер до полесно учење“ на центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ почна да се реализира од август оваа година.