Почитувани граѓани, Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, Ви ја честита новата 2007 година и Ви посакува добро здравје, лична среќа и успех, семејна хармонија и општа благосостојба.
Почитувани граѓани на општина Струмица,
Во мигот кога луѓето се разделуваат од старата и ја дочекуваат Новата година обично меѓусебно си посакуваат среќа иако ниту еден од нив не знае до крај да ја дефинира среќата. Таа во секој случај зависи од потребите и барањата на луѓето за задоволување на своите животни критериуми. Некои бараат малку од животот други бараат повеќе, но и за едните и за другите треба да важи правилото дека вистинската тајна на среќата е да бараме многу од себеси, а сосем малку од другите.
Притоа немаме право да уживаме во среќата ако не ја споделуваме со другите. Сепак најдобро од се е кога со заедничко залагање на сите, доаѓаме до посакуваните резултати, кои сите не прават среќни.
Водејќи се од таквите сознанија за колективните вредности, во овој момент сакам со вас да го споделам задоволството од фактот дека нашата заедничка општина во годината која изминува, направи значаен исчекор во својот развој. За тоа зборуваат бројните реализирани проекти, кои минатата година во ова време си ги поставивме како задача, а имаа за цел да го збогатат квалитетот на живеење во нашата општина.
За реализација на сево ова беа потребни финансиски средства , многу труд, енергија, максимално искористување на расположливите потенцијали, но и чувство за потребите на граѓаните. Но, се разбира сето тоа ќе беше залудно доколку не ја имавме полната поддршка од вас, за што неизмерно сме ви благодарни. Радоста од успешно исполнетите одговорности може да се цени и почувствува само откако ќе се понесе товарот на таквата одговорност. Годините се измислени за да можат луѓето подобро да се орентираат во времето, па оттука преминот од една во друга година е само еден миг на сегашноста кој ги премостува минатото и иднината.
Бидејќи нештата продолжуваат да се движат во еден процес кој продолжува, без нови почетоци, ние повторно заедно со вас и според вашите барања и потреби, продолжуваме со мисијата да ја направиме општината поубава, а луѓето што живеат во неа, посреќни. За 2007 година донесовме буџет и програма со нагласена развојна компонента, а резултатите од неговото извршување ќе бидат причина сите заеднички да бидеме задоволни од сведоштвото на прогресот на градот и на сите населени места.
Во тоа име и со надеж дека повторно ќе ја имаме вашата драгоцена подршка, ја користам можноста да ви ја честитам новата 2007 година и да ви посакам добро здравје, лична среќа и успех, семејна хармонија и општа благосостојба. Празниците постојат да се празнуваат.
Но, да не заборавиме. По секој празник доаѓа делник, а делникот е предизвик за ново достигнување.
Благодарам.