Вкупно 19 точки од повеќе области беа на дневен ред на денешната десетта седница на Советот на општина Струмица и сите беа едногласно усвоени. Советниците ја усвоија одлуката за измена и дополнување на Статутот на Општината како и одлуките за реализирање заеднички проекти со бугарските општини Ќустендил и Петрич во рамките на Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија.
Со Ќустендил ќе се реализира проектот „Зачувување на духовните светилишта-одржлив туристички потенцијал во Струмица и Ќустендил“, а вториот со Петрич е за „Заштита на локалното население од Струмица и Петрич од природни катастрофи и катастрофи предизивикани од човекот“. Советот донесе одлука за именување на општинското фудбалско игралиште во „Филип Лазаревски“, во помен на трагично загинатиот фудбалер на овој клуб, а на иницијатива на фудбалскиот клуб „Академија Пандев“, како и две одлуки од областа на урбанизмот и повеќе предлог – решенија за разрешување и именување на претставници на Општина Струмица во училишните одбори на повеќе основни училишта и во основното музичко училиште „Боро Џони“ во Струмица.