Добрeдојдовте на официјалната веб страница на Општина Струмица, преку која сакаме, да ви ги ставиме на дланка сите белези и особености, кои го праваат ова наше поднебје, поразлично од другите.
Во овој крај, каде што медитеранската и континенталната клима чинат чудесна симбиоза, мајката природа им дарила на вредните луѓе прекрасни услови за добар бериќет. Низ долините и планините, едно чудо сончевина, но и мерак сенки за починка. Ем вода студена-вековита, ем изгор топла-лековита.
Од Астраион, преку Тивериопол па се до Струмица, можете да го сетите здивот на историјата и одблиску да ги допрете ѕидините на: Римската терма, Св. 15 Тивериополски свештеномаченици и Орта Џамија.
Негувањето на многуте древни традиции меѓу кои највпечатливи се обичаите под маски, мноштвото значајни културни содржини и духот на новото време, се само дел од богата слика на овој крај.
Нашите предци, ни оставиле во аманет да ги чуваме и негуваме вредностите на нашето родно гнездо. Нам ни останува да го исполниме тој аманет и да додадеме нови вредни белези, со што ќе не паметат нашите следбеници.
Вам пријатели, Ви благодариме што сте свидетели на тој растеж.
Зоран Заев
Градоначалник на Општина Струмица