Прашајте го градоначалникотСредба со градоначалникот

Буџет за 2017 година

Буџет за 2016 година

Буџет за 2015 година

Буџетите на општината пред 2015 година и сите измени, дополнувања и ребаланси можат да се најдат во службените гласници од 2005-2017 кои се поставени на општинската веб страница.

Социјална карта на општина Струмица

Вести - Ноември 2007

2007-11-8


20.11.2007
| Претставници на албански општини во Струмица. Денес, Градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев одржа состанок со осумчлена делегација од Албанија која ја сочинуваа Градоначалници на албански општини, преседатели на совети и директори на регионални центри.

 



На средбата беа разгледени неколку можности за идна соработка меѓу Општина Струмица и Општина Шкудра од Албанија како и соработка меѓу Југоисточниот плански регион  и Центрите за регионален развој во Албанија. Градоначалникот на општина Струмица и Претседател на Југоисточниот плански регион, Зоран Заев изрази надеж дека овие два региони можат да соработуваат во повеќе сегменти во следните неколку години.



Оранизатор на посетата на албанската делегација беше ГТЗ Редем а во склоп на истата, Центарот за локален економски развој на струмичкиот микро регион, на претставниците од Албанија им ги пренесе  искуствата стекнати преку реализација на три проекти со поддршка од ГТЗ Редем.

2007-11-7

19.11.2007 | Општина Струмица со свој штанд се претстави на Саемот на општини ЗЕЛС ЕКСПО 2007. На 16 и 17 Ноември во Скопје во хала 1 на Скопски саем се одржа третиот по ред Саем на општини ЗЕЛС ЕКСПО 2007, кој се организира секоја втора година и на кој зедоа учество повеќе македонски општини. Општините на саемот се претставаа со свои штандови на кои посетителите можат да се запознаат со остварените проекти и нивните идни планови.



Општина Струмица имаше штанд со површина од 50 м2 кој беше надворешно уреден во форма на планираната реконструкција на Цареви Кули. Внатрешноста на штандот беше исполнета со два огромни постери на кој беше прикажан новиот лик на централното градско подрачје на Струмица, мини библиотека од Струмички автори, два огромни монитори кои прикажуваа видео кадри од Струмица, а саемот го одбележа и огромниот број на пропаганди материјали за Општина Струмица. Секој посетител на саемот доби репрезентативно - пропаганден материјал од Струмица. Во организираното претставување Општина Струмица се претстави со победничката маска од Струмичкиот Карневал 2007 година, кои беа вистинска атракција за посетителите на саемот.



Штандот на Општина Струмица беше еден од најпосетените штандови и штанд најбогат со пропаганден материјал кој опфаќаше: Брошура за Струмица, Разгледници, Туристички водич, Мултимедијално цд за Струмица, Мапи за Струмица, Теракоти од Струмичкиот карневал, Мултимедијално цд Strumica Economy, Брошури за манастирските комплекси Водоча и Вељуса и друг вид на брошури од културните манифестации кои се организираат во Општина Струмица.



Штандот на Општина Струмица го посетија и Неговата Екселенција, Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере и  Амбасадорот на САД во Македонија, Џулијан Милованович.

2007-11-6

07.11.2007 | Конкурс за доделување на Годишна награда на Oпштина Струмица “Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици”. Комисијата за општествени дејности при Советот на Oпштина Струмица, го распишa конкурсот за доделување на годишното општинско признание “Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици.

 

Врз основа на член  10 од Статутот на Општина Струмица (“Сл. гласник на општина Струмица”  бр. 5/06) и член  28 од Правилникот за начинот, условите и постапката за доделување на Годишната награда на Општина Струмица “Св.Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици” (“Сл. гласник на општина Струмица”  бр. 19/07), Комисијата за општествени дејности при Советот на општина Струмица,   распишува:

КОНКУРС
за доделување на Годишна награда на општина Струмица
Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици

1. Годишната награда на Општина Струмица “Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици” се доделува како признание  на Општина Струмица  на правни и физички  од Општина Струмица, Република Македонија и  други држави како и на меѓународни организации и асоцијации  и нивни претставници за посебни остварувања во:  стопанството, науката, уметноста, културата, воспитувањето и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и сите други сегменти од животот, што дале посебен придонес  за развој  и афирмација  на Општина Струмица во Република Македонија и пошироко.

2. Наградата се доделува  за остварувања  реализирани  во период од една година, сметано од завршувањето  на огласот и за остварувања  во период подолг од десет години  како награда за животно дело.

3. Наградата на поедници  и група творци се состои  од диплома, плакета и паричен износ.

4.Наградата на  правни лица  се состои од диплома и плакета.

5.Наградата на лица од други држави, како и на меѓународни организации и асоцијации  или на нивни претставници,  се  состои од диплома и плакета.

6.Наградата за животно дело се состои  од диплома, плакета и паричен износ.

7. Право  за предлагање на  кандидати за наградата имаат: научни, стручни, стопански и други организации и заедници и граѓани - поединци.

8.Предлозите за награда треба да содржат: биографија на лицето или организацијата што се предлага со детално образложение на постигањата, заради кои се  доставува предлогот.
Предлогот треба да биде поткрепен со соодветна документација.

9.Предлозите во 6 (шест) примероци се доставуваат на адреса: Комисија за опшествени дејности  при Советот на општина Струмица со назнака  за Годишна награда, Струмица,  лично во архивата на Општина Струмица, или по пошта на адреса: Општина Стрмица  ул.”Сандо Масев” бр. 1.

10. Конкурсот трае заклучно со 30 ноември 2007 година. Предлозите доставени  по истекот на рокот наведен во конкурсот нема  да  се разгледуваат.

Предлагачот  е потребно да да го наведе својот полн назив, адреса и телефонски број.

Формулар
за конкурирање може да се подигне во архивата на Општина Струмица или овде.
Информации на телефон:  ( 034) 348-059 и (034)  344-199.

2007-11-5

07.11.2007 | КК Струмица е во второто коло од ФИБА Купот. Славје на 4.000 гледачи во салата „Парк“ во Струмица. Струмица го победи пореномираниот противник од Хрватска и ќе игра во натпреварите од второто коло од ФИБА Купот, против екипата од  Локомотив Ростов - Русија. Градоначалникот и потпретседател на КК Струмица, Зоран Заев веднаш по натпреварот им ја честиташе победата на кошаркарите на Струмица.





Веднаш по натпреварот тренерот на КК Струмица Јовица Арсиќ за медиумите изјави :„Знаев дека не чека тежок натпревар. Екипата на Цедевита има многу добри поединци, многу квалитетен тим, клуб со многу поголем буџет, ама клуб кој нема ваква публика. Публиката направи извонреден амбиент и второто полувреме го одигравме над нашите можности. Многу ни помогна публиката, мислам дека беше нашиот најдобар играч“, Првото полувреме Цедевита го заврши со позитива од три коша, 36:33. Но во второто, публиката беше мотив за кошаркарите на Струмица да го свртат мечот и на крајот да дојдат до победа од шест разлика.



Ефтим Богоев постигна 23 коша, по 17 поени постигна Тасовски и Пуповиќ, 6 Бошњак, 5 Соколов, 4 Делиќ и 3 Латовиќ.

Кај Цедевита, Грејс беше најдобар со 19 поени, Римац постигна 10 коша, Дујмовиќ 11 и Чолак 7.

Кошаркарите на Струмица на 20-ти овој месец во салата „Парк“, ќе играат против рускиот тим Локомотив Ростов, реваншот е седум дена подоцна.





2007-11-4

02.11.2007 | Претприемач на месецот. Денес во Домот на АРМ, под слоганот Искористи го твојот потенцијал, се одржа акцијата Претприемач на месецот, на која Градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев го додели признанието Претприемач на месецот за Општина Струмица на Митев Никола од Мебел 2000.

 



Под слоганот Искористи го твојот потенцијал, Регионалното собрание на Градоначалници од Брегалничко-Струмичкиот регион, поддржано од проектот ГТЗ-РЕДЕМ, го промовира претприемништвото и започнувањето на сопствен бизнис со програмата "Претприемач на месецот 2007".



Во процесот на пријавување во Општина Струмица беа поднесени пет формулари за учество во акцијата, од млади претприемачи кои работат на теритријата на Општина Струмица.

Во конкуренција за избор влегоа:

- Горан Динов од ДИНО КОМПАНИ
- Панчче Пандев од СПЕКТРУМ ДП
- Ѓорги Пелтековски од ГРАФОСЕРВИС
- Миле Милановиќ од ГЛОБАЛ МЕДИА

Претприемач за Општина Струмица за месец јули е Митев Никола од МЕБЕЛ 2000.

Програмата за доделување на ваков вид награда во Брегалничко-Струмичкиот регион е пионерска од овој тип, а со единствена цел мотивирање на локалниот претприемачки дух, преку промовирање на успешни претприемачи од сопствената средина кои го поминале "трнливиот" пат од започнувањето на сопствен бизнис и воведување на нови и иновативни производи на пазарот.



"Претприемач на месецот 2007" програмата се одржува секој месец во одредена општина од регионот. За овој месец домаќин беше Општина Струмица.

2007-11-3

02.11.2007 | Предадени во употреба реконструираните спортски игралишта. Со спортски натпревари во одбојка, ракомет, фудбал и кошарка беа предадени во употреба реконстрираните спортските игралишта на територијата на Општина Струмица.  Градоначалникот Зоран Заев на сите деца им препорача што повеќе да ги користат бидејки се направени за нив.

 

Во текот на цела реконструкција беа одбележани сите игралишта на територијата на Општина Струмица за сите спортови, беа бојадисани постојните стативи, столбови и конструкции,  беа поставени 30 нови табли, 11 комплет нови конструкции за кошеви, 12 нови стативи, 7 нови игралишта со комплет  нов асфалт, и за сите училишта беа обезбедени нови мрежи.

Страница 1 од 2

© 2005-2017 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544