Ново возило и опрема за Противпожарната едница на Струмица

Возниот парк на Територијалната професионална противпожарна единица на Струмица  е збогатен со повеќенаменско возило со голема проодност, а општина Струмица со сопствени средства набави и интервентни одела, работни униформи и заштитна опрема за сите пожарникари кои ги жртвуваат своите животи за да спасат други лица и имотите на граѓаните.

Градоначалникот Коста Јаневски денеска ја посети Противпожарната единица при што потенцираше дека еден од главните приоритети на општина Струмица во областа на противпожарната заштита е институционално опремување и зајакнување на капацитетите на Територијалната професионална противпожарна единица, со цел поефикасно справување со пожари, но и справување со кризи од природни катастрофи и елементарни непогоди.

За таа цел општина Струмица изминатиов период со свои средства, набави интервентни одела, работни униформи и заштитна опрема за сите пожарникари кои ги жртвуваат своите животи за да спасат други лица, но и имотите на сите нас. Паралелно на тоа, како Општина интензивно работевме и на изнаоѓање други начини и средства за подобрување на условите за работа на пожарникарите во Струмица, што е главен предуслов како за нивната лична заштита, така и за безбедноста на граѓаните. Како резултат на овие активности, во овој период парелелно се спроведуваат три проекти кои се финансирани од Европската Унија, а во чии рамки ќе се набават две противпожарни возила, опрема и заштити одела за потребите на Територијалната професионална противпожарна единица на општина Струмица. Во рамките на еден од овие проекти кој е во завршна фаза општина Струмица доби донација на теренско возило за гаснење на шумски пожари, противпожарна опрема и одела, опрема за реакција во случај на поплави и друга специјализирана опрема за реакција при природни катастрофи и катастрофи предизвикани од човекот, рече градоначалникот Јаневски.

Командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев им се заблагодари на општина Струмица и на Владата за донираната опрема којашто ја зголемува ефикасноста во работењето.

Со новото теренско возило ќе можеме да интервенираме на места каде не можат да се пробијат нашите возила. Ова возило има резервоар од 400 литри вода и моторна пумпа за вода. И останатата опрема многу ќе ни значи во гаснењето на шумски пожари. Покрај тоа, неодамна од Владата, преку Дирекцијата за заштита и спасување, добивме донација на опрема која се користи во случај на земјотреси и други елементарни непогоди, рече Гудев.