Општина Струмица денеска ја одбележа 143-годишнината од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев. По тој повод, пред споменикот на Гоце Делчев на истоимениот плоштад беше положено свежо цвеќе, а за животот и делото на Делчев зборуваше претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.Денес кога повторно го чествуваме најголемиот, највредниот и најопеаниот син на мајката Македонија, кога му се поклонуваме на човекот со кого се гордееле, се гордеат и ќе се гордеат генерации и генерации Македонци и кога му оддаваме почит на најсветлиот лик од нашата пребогата историја, не може а да не се присетиме на неговиот кус но исклучително содржаен животен пат.
Се чини дека во тој животен пат, судбинската улога ја одиграл бројот „четири“. Тоа е така затоа што е роден во четвртиот ден од месец февруари, затоа што загинува во четвртиот ден од месец мај, затоа што неговата македонштина ја манифестира преку љубовта кон четирите светли букви од кратенката за Внатрешната македонска револуционерна организација, затоа што исто толку букви содржи неговото име Гоце кое започнува на четвртата буква од нашата азбука. Токму така, за Гоце Делчев се работи, за најголемиот меѓу големите, за стожерот на македонскиот непокор, за великанот на македонското револуционерно дело за ослободување од повеќевековното османлиско ропство. Голем е денешниов ден, онолку голем колку што е голем и човекот кој е се родил во него. Токму затоа, овој ден треба да го славиме и да го чуваме во нашата историска меморија, оти да не постоеше 4. Февруари 1872 година, немаше да постојат најсветите страници од нашата историја, немаше да бидеме толку горди, колку што сме, рече Христов.Во чест на Гоце Делчев рецитатори од домот за деца и млади „Благој Мучето“ читаа револуционерна поезија.