Во општина Струмица, втор ден трае акцијата за собирање помош за настраданите луѓе од поплавите во Србија и Босна. Во домот на АРМ каде што се наоѓа собирниот пункт, постојано доаѓаат граѓаните и донираат помош во облека, постелнина, средства за лична хигиена и прехранбени производи. Кирил Парталов, секретар на општина Струмица, која ја организира собирната хуманитарна акција, рече дека со донациите кои почнаа од вчера во раните утрински часови, струмичани уште еднаш на дело ја потврдија својата хуманост.
-Граѓаните на општина Струмица, масовно излегоа и ја дадоа својата помош. Има и физички и правни лица. Досега излегоа околу петстотини граѓани кои во рамките на своите можности донираа за за настраданите од поплавите. Најголем дел од помошта се состои во храна, облека, постелнина, средства за лична хигиена, а токму и за ваква помош се апелираше до граѓаните. Собраната помош, уште утре преку општинскиот црвен крст ќе биде доставена до граѓаните на кои им е неопходна. Оваа собирна акција која беше во организација на општина Струмица и траеше вчера и денеска ќе продолжи и понатаму, но во рамките на општинскиот црвен крст. Ова значи дека сите оние граѓани кои не успеаа да донираат помош во овие два дена на овој собирен пункт, можат својата помош да ја достават до црвениот крст кој се наоѓа на улицата „Жртви на фашизмот“ во Струмица. Уште еднаш сакам да изразам јавна благодарност до сите граѓани и правни лица кои несебично се вклучија во оваа акција, рече Кирил Парталов, секретар на општина Струмица.