Вчера успешно беше спроведен и вториот дел од акцијата „Чиста и уредна средина“ што ја спроведува општина Струмица, а во која учествуваа вработените во ЈПКД „Комуналец“, општинскиот сервис „Систем 48“, Младинскиот совет и граѓаните од третата и осмата урбана заедница. Според Бранко Ѓоргиев, раководител на работната единица „Чистота“ при ЈПКД „Комуналец“, во текот на вчерашниот ден во вториот реон се собрани вкупно 32 кубни метри разновиден отпад.
Во заедничката акција исчистен е дел од поројот „Крушевска Република“, крстосницата на улиците „Ѓуро Ѓаковиќ“ и „ Димитар Влахов“ и јавните површини околу Јаворот на улицата „5 ноември“ и Стариот суд на улицата „Кирил и Методиј“.
Преку бесплатниот телефонски број до „Систем 48“ пристигнале 17 пријави од домаќинствата за собирање отпад.
Акцијата за „Чиста и уредна средина“ ќе заврши в недела, на 29 јуни во третиот реон кој ги опфаќа улиците од булеварот „Маршал Тито“ до транзитниот пат „Климент Охридски“.