Општина Струмица уште еднаш потврди дека е град на младите и спортот, а градоначалникот Зоран Заев дека е најголемиот нивни поддржувач. Под негово покровителство, Струмица деновиве е најголемото собиралиште во Македонија на младите спортисти од Европа. Вчеравечер, плоштадот „Гоце Делчев“ беше полн со спортисти од 33 земји на свеченото отворање на 14 – то по ред Европско првенство во спортска ориентација.
Градоначалникот Заев, кој го отвори шампионатот, им посака срдечно добредојде и рече дека општина Струмица и понатаму несебично ќе ги поддржува ваквите и слични спортски собири.-Нема поголемо задоволство од тоа, да се биде покровител на едно Европско првенство и во исто време да се биде татко на градот во кој истото се оддржува. Токму поради тоа, прекрасно е чувството да се прифати големиот предизвик, Струмица да биде добар домаќин на добри гости. Неколку години наназад, Струмица е најголемото собиралиште во Македонија на млади европски спортисти, како домаќин на значајни спортски натпреварувања од европски ранг. Со тоа, на најубав можен начин покажа и докажа дека е град на младите и град на спортот. Убеден сум дека тоа ќе го потврди и во овие неколку наредни денови. Четирнаесеттото Европско младинско првенство во спортска ориентација, во организација на Македонската ориентациона федерација и Ориентациониот клуб „Еделвајс“ е несомнено, најмасовното европско спортско натпреварување кое се случило во долговековното постоење на нашиот град, но и едно од најмасовните спортски собири во државава. Искрено се надевам дека првенството ќе придонесе за уште поголема афирмација и популаризација на спортската ориентација кај нас и дека ќе биде запаметено како настан со извонредни спортски резултати. На сите натпреварувачи им посакувам успех во спортското ориентирање низ терените на нашиот град и регион, стекнување нови пријателства и убави спомени од Струмица, рече градоначалникот Заев.Тој ги врачи и наградите на победницитие на првата спринт трка што се одржа по улиците на Струмица, а во која учествуваа 405 натпреварувачи, во категоријата до 18 години во машка и женска конкуренција, а од организаторот во знак на благодарност доби плакета за поддршката на европскиот шампионат.На градскиот плоштад во Струмица, но и на локалитетот „Суви Лаки“ истовремено се одржуваат и трките од „Струмица опен 2014“ на кои учествуваат околу 400 натпреварувачи од 20 европски држави, а една трка ќе се бодува и во рамките на Светската лига во спортска ориентација.