Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев со своите соработници, денеска ја посети улицата „Бетовенова“ во Турското маало во Струмица, на која е поставен нов асфалтен слој на површина од 1.650 метри квадратни. Со асфалтирањето на оваа улица, практично, заврши и изградбата на Ободниот канал, проект кој го почна, а не го заврши Владата.
Во интерес на граѓаните, го заврши општината со сопствени финансиски средства во износ од 600 илјади евра. Ободниот канал е од капитално значење за општина Струмица, бидејќи го решава проблемот со поплавите од поројните дождови.-Денеска сме на едно подрачје, каде општина Струмица со години наназад инвестира огромни средства од својот општински буџет. Се работи за Ободниот канал и сите придружни елементи околу оваа капитална инвестиција, важна за овој, но и долниот дел на градот. Ободниот канал како проект е завршен, овие денови сме насочени кон финализирање на надворешното комплетно реновирање, а како последица од изведувањето на Ободниот канал. Само да потсетам, Ободниот канал е проект вреден 600 илјади евра или 36.500.000 денари, финансиран исклучиво со средства од општинскиот буџет, кој иако како иницијален проект тргна од страна на државата, преку министерството за транспорт и врски, во 2006 година застана финансирањето, па моравме ние со сопствени средства да го довршиме, бидејќи станува збор за проект од огромно капитално значење за градот Струмица и отстранување на причините за поплавите од сите поројни дождови, што како проблем се провлекуваше со години наназад. Асфалтирањето на улицата е завршено, а во наредните денови ќе продолжи бетонирањето на тротоарите, со што комплетно ќе биде завршен целиот дел, рече на денешната прес конференција, градоначалникот Заев.Инаку, под улицата „Бетовенова“, поминува дел од Ободниот канал, а освен него, општина Струмица тука ја заврши канализационата мрежа, изгради нова фекална и атмосферска и нова водоводна мрежа, постави цевки за водоснабдување на улицата „Бошко Буха“, која во скоро време ќе биде и бетонирана.Градоначалникот Заев, најави дека во наредниот период ќе се изврши чистење од изведувањето на градежните работи на подземните цвеки кои на некои места се со дијаметар од 1,5 метри, со што и официјално, Ободниот канал ќе биде пуштен во употреба.-На пролет, останува општината да заврши уште неколку работи со што трајно би се намалило поплавувањето на овој и долниот дел од градот, а тоа е завршување на една каптажа на улицата „Бошко Буха“ која што ќе го реши проблемот за наредните 50 години, а одредени делови од понискиот дел на градот ќе ги премостиме со отворена атмосферска канализација се со цел да ги релаксираме сите води кои при поројни дождови предизвикуваат огромни штети, додаде градоначалникот Заев.Изградбата на Ободниот канал, фекалната и атмосферска канализација, новите водоводни мрежи, асфалтирањето и бетонирањето на улиците во овој дел од градот и поставувањето на нови клупи, канделабри и детско игралиште е капитален проект кој тежи над 1,3 милиони евра, средства обезбедни од буџетот на општина Струмица.