Акцијата за „Чиста и уредна средина“ што ја спроведе општина Струмица во соработка со Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“, општинскиот сервис „Систем 48“, Младинскиот совет и урбаните заедници, заврши успешно. Во трите реони на градот, беа подигнати околу 100 метри кубни разновиден отпад од јавните површини и домаќинствата.
Во текот на вчерашниот, кој беше последен ден од акцијата, се чистеше поројот „Крушевска Република“, јавните површини од булеварот „Маршал Тито“ до улицата „Елка Јанкова“, двете страни на булеварот „Гоце Делчев“ од кружниот тек со булеварот „Маршал Тито“ до крстосницата со „Климент Охридски“ и јавните површини покрај улиците „Благој Мучето“ и „Ристо Гидалов“.Со оваа акција, градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица заедно со граѓаните, уште еднаш како многу пати досега, на дело ја потврдија заложбата за чиста и уредна Струмица, како што му доликува на еден модерен европски град.