По спектакуларниот концерт со кој ноќеска заврши третото издание на „Струмица опен фестивал 2014“, денеска, кабинетот на градоначалникот на општина Струмица го посети балканската ѕвезда, Здравко Чолиќ. Во опуштена атмосфера, тие разговараа за настапот, публиката, за фестивалот и Струмица, споделувајќи го заедничкиот впечаток дека завршната вечер на „Струмица опен фестивал 2014“ беше прекрасна, која ги собра сите генерации на едно место.
Овој впечаток го споделија и во изјавите за медиумите што ги дадоа по завршувањето на средбата.Синоќа ја поминавме бројката од 80 илјади посетители, покрај огромниот плоштад, според нас најголем во Македонија, посетителите ги имаше се до градскиот парк, до општинската зграда, до „Глобал“ што само по себе покажува колку е респектиран Здравко Чолиќ од сите генерации кои ја слушаа неговата изведба. Преку 200 илјади посетители заокружуваме за овие 11 дена, јас сум среќен заради тоа што сите се среќни, како партиципанти во организацијата на фестивалот. Општина Струмица е среќна затоа што сите граѓани и посетители се среќни и се гордеат со фестивалот. Среќни се и угостителите, хотелиерите и малите трговци зата што тоа е економскиот бенефит кој секако го добива градот Струмица, а јас сум среќен што спонзорите, како што се пиварите, винариите и угостителите кои што учествиваа, имаа можност да ги вратат своите инвестиции и секако сум многу среќен заради тоа што и Здравко Чолиќ е среќен и задоволен од посетеноста и реакциите на посетителите на фестивалот. Споделувајќи го ова задоволство, сакам да им се заблагодарам на сите државни, општински служби, да се заблагодарам на сите кои што учествуваа во организацијата на фестивалот, најмногу на младите луѓе, тоа е нивни фестивал, од почетокот до крајот тие го организираат и секако да се заблагодарам на Здравко Чолиќ за огромната чест што им ја направи на граѓаните на општина Струмица и на цела наша Македонија, изјави градоначалникот Заев.Спонтан и непосреден пред новинарите, Здравко Чолиќ рече дека е многу среќен по синоќешниот концерт.-Ја сакам Македонија, доаѓам често, правиме концерти, а и имам и многу пријатели. Во Струмица долго време не сум бил и кога пред неколку години почна овој фестивал, ми беше важно да ме поканите и еве трета среќа, еве ме и мене во третата година на фестивалот. Мислам дека долго не сум пеел во Струмица и тоа некако се спои едно со друго и ви благодарам многу што ме поканивте и сакам да кажам дека синоќа имаше многу убава енергија и кај младите и кај постарите кои беа многу расположени, а и времето беше многу убаво, што е многу битно за вакви отворени концерти. Мило ми е што добро во оди и им посакувам на граѓаните успех во работата, здравје и посакувам сите заедно во овој наш регион во иднина да функционираме подобро од досега. Се надевам и посакувам фестивалот постојано да расте, рече Чолиќ.