В понеделник, во малиот градски парк во Струмица, ден пред неговиот роденден, ќе биде откриена скулптурата на великанот на македонската народна музика, Гоце Арнаудов. Скулптурата е дело на познатиот скулптор Митко Тошев, а спомен обележјето го подига општина Струмица која за оваа намена од буџетот издвои 1.700.000 денари.
Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска упати јавна покана до граѓаните на Струмица и Македонија за присуство на свечената церемонија со која уште еднаш ќе му се оддаде почит на великанот на македонската народна музика.Големите луѓе никогаш не умираат. Обврската за зачувување на нивната бесмртност, ја имаме сите ние, кои што ја живееме сегашноста. Еден од таквите големи луѓе е и Гоце Арнаудов, кој претставува симбол на македонската песна. Општина Струмица ја исполни својата заложба во зачувувањето на неговата бесмртност, подигнувајќи му спомен обележје – скулптура во малиот градски парк, спроти домот во кој живееше со своето семејство. Со овој споменик ја изразуваме нашата почит кон големиот великан Гоце Арнаудов, ѕвездата на македонската естрада. Идејното решение е на нашиот академски скулптор, Митко Тошев, а избран на јавен конкурс што го распиша општина Струмица и еве денес е тука подготвен за свечено пуштање. Вкупната инвестиција од буџетот на општина Струмица е 1.700.000 денари во кои е вклучено и партерното уредување и постаментот, а самиот споменик чини 1.400.000 илјади денари. Скулптурата пред два дена е поставена тука, во малиот градски парк, а нејзиното откривање го најавувам за понеделник, 18 август, во 20 часот, датум не случајно избран, ден пред неговиот роденден. Ја користам приликата да ги поканам сите граѓани на општина Струмица, но и сите граѓани на Македонија, да дојдат на свечената церемонија и сите заедно уште еднаш да му изразиме достоинствена почит на Гоце Арнаудов, изјави градоначалникот Заев.