Струмица по четврти пат е домаќин на европското првенство во кошарка, во машка конкуренција до 16 години. На членовите на македонската кошаркарска репрезентација својата максимална поддршка денеска им ја даде и им посака голем успех, градоначалникот Зоран Заев, на приемот во неговиот кабинет.Огромна чест и задоволство е што по четврти пат Струмица е домаќин на европското првенство на млади категории во кошарка, Б Дивизија и со учеството на 22 репрезентации, нашиот град се профилира како добар домаќин, претпоставувам заради тоа што условите кои што ги нуди Струмица овозможуваат исполнување на сите неопходни критериуми и затоа се одржуваат вакви европски првенства во Струмица.
Навистина сум среќен заради тоа што по четврти пат, само по себе се потврдува дека Струмица е добар град – домаќин и она што најмногу го посакуваме е секако успех на нашата репрезентација. Денеска е почетокот на натпреварите, имавме огромна чест да ги примиме нашите млади репрезентативци овде, да споделиме взаемна одговорност и задоволство за учеството во европското првенство, секако најголемиот дел од задачата е да постигнеме колку можеме поголем успех. Јас ја користам приликата да ги повикам сите струмичани, пред се младите луѓе се во Струмица во овој период, да бидат во спортските сали каде што ќе се одиграат натпреварите, да бидат дополнителниот играч на нашата репрезентација, да ги бодрат овие млади луѓе заради тоа што знаеме дека е многу битна поддршката од публиката за конечниот успех на нашата репрезентација, рече градоначалникот Заев.Од името на репрезентацијата, за приемот и поддршката се заблагодари селекторот Саша Димитријевиќ.Јас би сакал да му се заблагодарам на градоначалникот за денешниот прием на нашата репрезентација, уште еден мотив плус за овие млади играчи да со денешниот почеток на европското првенство да го дадат потребниот максимум и денеска европското првенство да го почнеме со победа. Во текот на овие 40 дена напорна работа, мислам дека сме доволно подготвени иако групата ни е многу тешка, меѓутоа сите овие наши кошаркари се подготвени да го дадат својот максимум и ветуваме дека на секој натпревар сите овие наши кошаркари достојно ќе ги бранат боите на нашата земја, рече селекторот Димитријевиќ.Младите кошаркари се подготвени и борбени за добар резултат и влез во А Дивизија.Добра генерација, одлично се сплотени, хемијата во тимот е на врвно ниво, борбеноста е на одлично ниво, а со борбеноста ќе дојде и резултатот, сега одиме чекор по чекор, па ќе видиме до кај ќе стигнеме, рече кошаркарот Петар Геновиќ.Во знак на благодарност, кошаркарската репрезентација на градоначалникот Зоран Заев му подари топка. Сите натпревари од ова првенство кое ќе трае до 30 август ќе имаат слободен влез за љубителите на кошарката.