Синоќа во центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица свечено беше отворено 22-то издание на меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“. Во петте фестивалски денови, шеесетина актери кои играат во десет претстави на театри од шест држави, ќе се натпреваруваат за единствената награда за највисоко актерско достигнување. Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, кој е и претседател на Управниот одбор на фестивалот. Интегрален текст од говорот на градоначалникот, Зоран Заев.
Остануваме верни на традицијата, токму на денот кога ја славиме самостојноста на државата да ја славиме и самостојноста на актерот. Струмица повторно ги собира во своите прегратки актерите од земјата и странство и заедно со своето ,,добредојде‘‘ им вели: ,,Еве ви ги струмичките штици што живот значат, за да го покажете актерското мајсторство на единствениот фестивал кој Ви е посветен Вам‘‘. Ваквата порака до актерите Струмица ја испраќа по 22-ри пат, а во чест на најмаркантниот актер на овие наши простори Ристо Шишков. Наша должност е да го чуваме споменот за него и да го пренесуваме на младите генерации, а актерите кои ја живеат денешнината во оваа наша земја, имаат извонредна можност тој спомен да им биде лектира како треба да се љуби сцената и како треба да се љуби Македонија во исто време. Оти, таквите љубови живееа во нераскинлива симбиоза во големото срце на големиот актер Ристо Шишков.Во таа симбиоза свои длабоки корени имаше и љубовта кон Струмица, ѕвездениот град од кој Шишков се вивна во ѕвездите. Тој негов град веќе две децении и две години на љубовта возвраќа со љубов преку овој фестивал кој го носи неговото име, кој го чува споменот за неговото актерско дело и кој ја доделува единствената награда за високо актерско остварување која исто така е именувана по него. Иако овој фестивал оддамна е етаблиран во севкупното културно живеење на Струмица и Македонија, иако е составен дел од европската асоцијација НЕТА, сепак има несоодветен третман од оние кои ја водат културната политика во државава. Кога некои фестивали кои постојат само 2-3 години, добиваат значајно парче од колачот а овој наш фестивал добива само трошки, тогаш не е тешко да се заклучи дека неправдите го следеа Ристо Шишков и тогаш кога го имаше а го следат и сега кога го нема. Но овој фестивал постоел, постои и ќе постои, затоа што Шишков тоа го заслужува, затоа што Струмица и Македонија тоа го заслужуваат.Искрено се надевам дека 22-то издание на овој фестивал ќе го оправда рејтингот на оваа манифестација граден сиве овие години наназад и дека ќе биде по мерка и на актерите и на вљубениците во актерската игра.На денот на независноста на Македонија и на три дена до јубилејот -70 години слободна Струмица, овој град удира уште еден печат на сведоштвото дека е културен епицентар на Источна Македонија.Со уверување, дека така и ќе остане, 22-от Меѓународен фестивал на камерен театар Ристо Шишков го прогласувам за отворен.