Да им ја оставиме Струмица на идните поколенија струмичани со убав урнек и аманет. Тоа ќе го постигнеме со заедништво и разбирање“, оваа порака ја упати градоначалникот Зоран Заев на свечената академија која што се одржа денеска по повод јубилејот, 70 години од ослободувањето на Струмица.Го празнуваме денот на ослободувањето на нашиот град, не само поради неговото значење за целокупниот историски споменар на Струмица,
туку и поради фактот дека денешна Струмица можеби не ќе беше таква каква што е, да не се случеше тој 11.Септември 1944 година. Од тој ден до денеска поминаа 70 години исполнети со подеми и падови, со радости и таги, со убави и помалку убави мигови. Но тоа се 70 години – растеж, 70 години стремеж кон поубаво утре и 70 години – неспорна, безусловна и нераскинлива љубов меѓу Струмица и струмичани. Таа љубов, таа челична врска меѓу две нешта кои взаемно си припаѓаат е без сомнение клучниот фактор за успешниот опстој на ова парче од македонската земја. Овој светол ден не бара премногу од нас. Бара само должна почит, внимание кое го заслужува и рамноправен третман со другите значајни датуми од нашата богата историја. Бара само толку, ни повеќе ни помалку. Ние сме тие што сме должни тоа да го исполниме. За атер на Струмица, за атер на Благој Јанков Мучето, Герас Цунев, Сандо Масев, Јоска Свештарот, Боро Џони, Боро Поцков, Киро Минанов и останатите, но и за атер на нас, самите. Голем дел од споменатите борци не го доживееја тој 11.Септември 1944 година, но нивното учество во Народноослободителната борба и борбата против фашизмот, дадоа значаен придонес, нивните следбеници наместо нив, да го извојуваат стремежниот подвиг и да го отсонуваат слободарскиот сон. Поради ова мора да ги споменуваме, да го пренесуваме тој спомен на идните генерации струмичани и да сме им вечно благодарни, рече градоначалникот Заев.Во чест на јубилејот, градоначалникот Заев, претставници на Советот на општината, општинскиот одбор на Сојузот на борците, на резервните старешини, јавни институции и политички партии, положија свежо цвеќе пред Споменикот на револуцијата во градскиот парк, а беше засадено и дрвце на другарувањето во алејата на младите.Одбележувањето на 70-годишнината од ослободувањето на Струмица, завршува вечерва, со промовирањето на изградената пешачка патека во Банско и со традиционалната изложба на дела создадени на меѓународната струмичка ликовна колонија.