Правото на протест е уставно загарантирано право и во таа смисла нема да се мешам во нивната одлука за протест.
Правото на образование е исто така уставно загарантирано и ни претставува обврска истото да го штитиме, унапредуваме и имплементираме согласно законските регулативи.
Почитувани вработени во образование, градинки, наставен кадар, членови на СОНК. Ја имате честа да ја обликувате иднината на нашето секојдневие, за тоа сум убеден дека сте свесни исто колку што сум јас свесен и совесен дека треба да бидете посебно мотивирани и наградени.
До моментот дури немаше конкретен предлог, не го соопштував мојот став, свесен дека владата има слух за проблемите и очекував предлог решение какво што всушност имаме.
Во време на најголемите светски кризи понуди зголемување на платата за 10%
Разумно решение за секој совесен човек кој размислува државнички.
Сметам дека членовите на СОНК ова треба да го прифатат, имајки во предвид дека исправени сме сите пред најголемите предизвици на светот од втората светска војна.
Апелирам учениците да одат на училиште оти тоа е најважно, продолжувањето на протестот може да значи и продолжување на школската година, што пак може и тоа како да направи проблем за матурантите при упис на факултет.
Како градоначалник заедно со целата администрација и со поддршка на советот никогаш нема да го прекинам превозот на учениците макар имало и само еден ученик кој треба да биде однесен до училиште! Тоа е трошок на општината од близу 200.000 денари на ден, нејсе тоа не е најважното.
Протестите во оваа фаза почнуваат да наликуваат на партиско политичка инсталација, што сериозно може да ве втурне во брзи води кои можат да го нарушат најважното за вас, вашиот интегритет, вашиот дигнитет.
Со секој од вас разговарам лично, вашите предизвици секогаш наидувале на разбирање од моја страна со силен влог за нивно решавање.
Вие сте граѓани на Градот Струмица, град од кој започнале многу процеси, важни за сите нас.
Ова е момент кога треба да се издигнеме цврсто над нашите интереси, да ја споделиме тежината на овие кризи заедно, да се вратиме на работа, да покажеме дека постоиме и работиме посветено на нашата иднина.
Верувам дека имате разбирање и за здравствената криза, за економската криза, за воената криза, за политичката криза, за енергетската криза….
Бидете горди на работата што ја работите, од вас зависи какво утре ќе имаме.