Претседателот на Советот на општина Струмица, Зоран Ристов ги додели наградите на овогодинешните лауерати на III Mеѓународен филмски фестивал Астер фест.
Филмови со уметнички предзнак, дела на автори од 28 земји, под мотото „Откривање нови кинематички простори“, беа прикажани на третиот Меѓународен фестивал на авторите од Југоисточна Европа „Астер фест“.
Фестивалот на независен филм и видео траеше 4 дена и се одржа под отворено небо – на локалитетот „Терма Банско“ Беа прикажани 55 филма, поделени во неколку категории. Девет од нив влегоа во конкуренција за наградите златна, сребрена и бронзена потковица и специјална плакета „Стар златен проектор“.За наградите одлучуваше меѓународно жири, со кое претседаваше Рада Шешиќ од Холандија.
Признанието „Астер“ за високи достигања во авторскиот филм, Претседателот на Советот на општина Струмица, Зоран Ристов му го врачи на унгарскиот режисер од Војводина, Карољ Вичек.
Наградени филмови:
1. ЗЛАТНА ПОТКОВИЦА – Бабичка на револуцијата (Петра Селишкар – Словенија, Холандија, Куба, Македонија)
2. СРЕБРЕНА ПОТКОВИЦА – Шеќерен град (Кимон Цакирис -Грција)
3. БРОНЗЕНА ПОТКОВИЦА – Крајна суровост (Росен Елезов – Бугарија)
„Астер фест“ е единствен македонски филмски фестивал вмрежен во Европската и во Американската документарна асоцијација и е член на иницијативата „Го ист“ во Визбаден, Германија.
Фестивалот го финансира и Општина Струмица.