Во рамките на акцијата “Недела за безбедност на мотоциклистите“, која се спроведува од 16 до 22 јуни, ќе се реализираат повеќе активности од страна на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а врз основа на програмата донесена со клубовите на мотоциклистите и другите целни групи и институции.
На 18.06.2014 година (среда) со почеток во 17,00 часот во Дом на АРМ ќе се одржи трибина со засегнатите страни – учесници во сообраќајот и локалната заедница, а еден час подоцна, односно, од 18,00 до 19,00 часот, ќе се одржи дефиле на мотоцикли. Дефилето ќе стартува од пред хотелот „Илинден“ до плоштадот „Гоце Делечев“ во Струмица.
Целта на оваа акција чие мото е „Безбедно на мотор“ е подобрување на условите и можностите за рамноправно учество на мотоциклистите во сообраќајот, подобрување на нивната безбедност во сообраќајот преку подигање на свеста за правилно однесување на мотоциклистите и подигање на јавната свест кај сите учесници во сообраќајот, особено на возачите на моторните возила за почитување на мотоциклистите како ранлива група учесници во сообраќајот.