Струмичани поминаа уште една прекрасна вечер со богатата културно – забавна понуда на „Струмица опен фестивал 2014“. Во просториите на музејот е отворена изложбата насловена „Став – студентска архитектонска визија“ на дипломски проекти – дела на генерацијата 2006 на архитектонскиот факултет од Скопје, а под покровителство на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Оваа изложба ја нарековме СТАВ, кованица која произлегува од студентска архитектонска визија. Преку неа сакаме да го покажеме нашиот став кон архитектурата, нашата визија која ја имаме за архитектурата, и да ги покажеме овие проекти кои се најискрените кои некогаш ќе ги направиме и кои ја покажуваат нашата најголема креативност бидејќи се веројатно последните проекти кои ќе ги работиме без инвеститор. Ова се проекти од нас за сите нас. Оваа наша визија се надеваме дека наскоро ќе стане реалност во нашата земја, рече Софија Ристова Патрикова која ја отвори изложбата.На изложбата присуствуваше и градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, со сопругата. Тие, заедно со дел од членовите на Советот на општината, беа дел и од вечерта посветена на афоризмот која се одржа во големиот градски парк, а на која настапија автори од Македонија. На истото место, но покрај езерцето се одржа ревија на народни носии, а на плоштадот „Гоце Делчев“ беше промовирана книгата „Продавач на илузии“ на Никола Сарајлиев.Вечерва на фестивалската понуда се традиционалната трка на келнери која ќе се одржи на градското корзо и концерт на хармоника кој ќе се одржи во прекрасниот амбиент на амфитеатарот.