Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска присуствуваше на свечената приредба по повод почетокот на новата учебна година која се одржа пред домот на АРМ во Струмица. Честитајќи им го првиот училишен ден на сите првачиња кои за прв пат денеска го пречекорија училишниот праг, тоj им посака многу успех и среќно и безгрижно детство.Интегрален текст од поздравниот говор на градоначалникот, Зоран Заев:Сакам во овој убав ден, од срце и душа,
да Ви кажам неколку важни работи кои ќе Ви го направат денот уште поубав и посреќен. Сакам да знаете, дека овој ден е еден од најзначајните во Вашите животи. Први септември не е било кој и било каков ден. Први септември е ден за гордост, ден за среќа и ден за паметење. Први септември е ден кога го правите најважниот чекор во животот. Многу први нешта се поврзани со Први септември.Денес го слушате првото училишно ѕвонче, денес се случува вашето прво влегување во училиштата, прво седнување во училишните клупи, прво запознавање со Вашите наставнички и прво видување со новите другарчиња од Вашето одделение. Се што е прво е убаво па така и тргнувањето во прво одделение. Знам дека по малку сте возбудени, знам дека некои од Вас се малку и уплашени, но верувајте дека не постои никаква причина за страв, затоа што од денеска училиштето станува Ваш втор дом во кој убаво ќе се чувствувате а Вашите учителки ќе се грижат за Вас исто онака како што тоа го прават Вашите родители. Од денес па натаму, секој ден ќе Ви биде поубав и поинтересен од претходниот, затоа што ќе станувате се побогати со знаења, откривајќи ги тајните на македонскиот јазик, математиката, општеството и природните науки, ликовното, музичкото и физичкото образование. Од денес па натаму, со задоволство ќе ги искачувате скалилата на знаењето, за еден ден да стасате до самиот врв кога ќе станете свои луѓе, успешни луѓе, луѓе за почит. Сите ние го очекуваме тоа од Вас, бидејќи Вие сте наша гордост и наша иднина.Од Вас се бара само да бидете мирни и послушни, да ги извршувате училишните задачи кои воопшто не се тешки и да верувате дека сето тоа што ќе го правите, ќе го правите за Ваше добро. Со првата напишана цртка, со првата научена буква, со првиот цртеж или научена песничка, ќе сфатите колку е убаво да се биде ученик.Ако некој мене ме праша дали би се менувал со некој познат филмски актер како Силвестер Сталоне или Џеки Чен или со некој познат фудбалер како Роналдо или Меси, јас би му одговорил дека би сакал да се менувам само со некој од Вас, оти нема поубаво од тоа да се биде прваче.Многу пати сум кажал досега и пак ќе повторам дека најмногу од сите ги сакам децата. Токму поради тоа, Вашиот чичко Зоки, со многу љубов Ви посакува успех во учењето и среќно и безгрижно детство.