Градоначалникот Костадин Костадинов денеска присуствуваше на отпочнувањето на градежните активности за рехабилитација на регионалниот патен правец Робово – Муртино заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, директорот на ЈП „Македонија пат“, Костадин Ацевски и градоначалникот на општина Босилово Ристо Манчев. Рехабилитацијата на оваа делница од 3,5 километри чини околу 50 милиони денари.
Градоначалникот Костадинов потенцираше дека ова е посебен ден за општините Струмица и Босилово, а особено за жителите на Муртино и Робово бидејќи се решава долгогодишен проблем во патната инфраструктура. Барањето за рехабилитација е од граѓаните, а минатата година иницијативата до надлежните владини институции ја достави градоначалникот Костадинов.
-За неполна година од мојот мандат во соработка со Министерството за транспорт и врски, ја завршивме фекалната канализација во Банско од 800.000 евра, а во Градско Балдовци ќе го реализираме моето изборно и програмско ветување со објавување на втората јавна набавка за фекална и атмосферска канализација.
Ова е начинот на којшто треба да функционираме. Оваа влада има слух за потребите на граѓаните, а ние градоначалниците колку и да сме идеолошки различни, треба да работиме за граѓаните, рече градоначалникот Костадинов.